Импресии и достигнувања од Македонското претседателство со Европскиот форум

 

Почитувани,

Од 10ти до 12ти Октомври оваа година, во Скопје се одржа втората сесија на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, под Македонско претседателство. Импресиите за успешно организираната сесија, како и за постигнатите цели од работниот дел на истата се неподелено позитивни кај сите учесници, и за нив добиваме секојдневни потврди.

 

 

М-р Љупчо Ристовски

Државен советник при

Генерален секретаријат

Влада на

Република Македонија

Во оваа прилика уште еднаш сакаме да споделиме со македонската јавност, една визија која е круцијална од многу аспекти, а која пред се, има за цел да придонесе кон јакнење на општествената одговорност за овие животно важни прашања, на начин што ќе се поттикнат и охрабрат одговорните влади да го издигнат прашањето за објективните ризици од природни катастрофи високо на своите политички агенди, како сигурен влог за идните генерации.

 

Особено нагласен акцент во таа насока, како свој придонес, даде и македонското претседателство со овој значаен Европскиот форум. Сите учесници беа едногласни во констатацијата дека 21от век ќе биде век на предизвици од најразличен вид. Човештвото ќе биде изложено на се поголемата разурнувачката моќ на природата. Одговорните институции во меѓународни рамки, како и владите на сите држави без исклучок, ќе се соочат со потребата од брзи одговори и реакции на опасностите кои со себе ги носи деструкцијата на природата.

 

Податоците говорат дека се во пораст сите типови на катастрофи, особено на земјотресите, истовремено е во пораст и нивната разорна моќ. И покрај растечкото знаење за областа, и покрај досега невидениот технолошки напредок, човештвото трпи се поголеми загуби во човечки животи и во материјални ресурси. Само за илустрација, од почетокот на оваа 2011 година, па до октомври, на планетата се случија 55 разорни земјотреси со магнитуда од 5,5 до 9 степени, притоа предизвикувајќи огромен број на човечки жртви и невидени материјални загуби.

 

Ваквите состојби се сериозно предупредување до одговорните меѓународни институции и до сите влади да го подигнат нивото на општествена одговорност за справување со предизвиците на новото време, да развиваат интегрални политики во областа, да ги зајакнат институционалните и човечки капацитети, како и да ја зголемат мобилноста на институциите во поглед на градење и развивање на планови и програми за превенција, подготовка, одговор и обнова.

 

Националната координација од областа на намалување на ризици од катастрофи, иако со ограничен капацитет и во скромни услови, сепак успеа да се наметне на меѓународната сцена и да постане респектабилен фактор, почитуван од сите чинители во областа, како во Европски, така и во рамките на Обединетите нации. Со Македонското претседателство со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи докажавме дека како држава, сериозно пристапуваме кон унапредување на внатрешните состојби во Република Македонија, но и кон организираниот напор на меѓународната заедница во поглед на градењето знаења за областа, изнаоѓање на нови иновативни решенија за поефикасна превенција и заштита, како и размена на нови искуства при справување со последиците од несакани природни појави со разорно дејство.

 

Недвосмислено прифатена и јасна е меѓународната порака до сите влади, да работат сериозно и одговорно на градење и развивање на внатрешните капацитети и отпорноста на општеството, со цел континуирана подготовка и унапредување на практиките од областа на намалување на ризици од катастрофи.

 

Ако во древни времиња Ное ја градеше арката за спас на човештвото од потопот, генерациите денес се обврзани да ја градат арката на знаења и иновативни решенија кои ќе придонесат да се подготват општествата за евентуалните опасности кои ни претстојат.