About us (MK)

Националната координација за имплементација на Националната платформа на Република Македонија за намалување на ризици од катастрофи е формално воспоставена со именување на Национален координатор во април 2010 година и оттогаш постепено се етаблира во националниот систем, како и на меѓународен план.

 

Македонската Националната платформа изврши силно влијание во меѓународни рамки и со тек на време постана еден од референтните модели во областа.

Националните извештаи за напредокот на Македонските институции поврзано со Рамката за акција од Хјого е надлежност кој ги координира институциите од областа и го бележи напредокот во посебни Национални извештаи. Истите потоа се дел од официјалните документи на сите инволвирани организации во областа на намалување на ризици од катастрофи.

 

Националната координација се вклучи од самите почетоци и во формирањето на Европскиот форум за намалување на ризиците од катастрофи (ЕФДРР).

 

Европскиот форум беше воспоставен на состанокот на Европските национални платформи и контакт - институции за Рамката за акција од Хјого, кој се одржа од 11 до 13 ноември 2009 година во Лондон. Форумот го сочинуваат европските држави кои имаат национални платформи и државите што имаат регистрирано контакт - институции надлежни за Рамката за акција од Хјого. Воедно, Европскиот форум тесно соработува со повеќе регионални и суб регионални организации што покриваат одредени аспекти од Рамката за акција од Хјого, а во кои влегуваат UNISDR за Европа, Европската унија и Советот на Европа.

 

Европскиот форум претставува мултилатерален регионален форум за размена на информации и знаења, регионална координација, залагање за ефективно намалување на катастрофите, за обезбедување поголема политичка поддршка, како и за давање придонес во имплементацијата на Рамката за акција од Хјого, стратешки документ донесен на Светската конференција за намалување на катастрофи која се одржа во 2005 година во Кобе, Јапонија. Европскиот форум посветува внимание и на  адаптирање кон климатските промени и екстремните временски услови, критична инфраструктура (во која се вбројуваат болниците и училиштата), ангажирање на локално ниво и на ниво на заедници, стандарди за ниво на безбедност и на други проценети ситуации и области.

 

Со Форумот претседава претседателство составено од претседавач и ко претседавач со едногодишен мандат, при што, по принципот на ротација, државата која е ко претседавач доаѓа на местото на претседавачот. Претседавач со Европскиот форум за 2010 година беше Шведска, а ко претседавач Република Македонија. Укажаната чест на Република Македонија да ко претседава со Европскиот форум за 2010 и да претседава со истиот во текот на 2011 година се должи на признанието од страна на UNISDR, Европската унија, Советот на Европа и европските држави - членки на Европскиот форум за постигнатото од страна на Владата на Република Македонија, а во врска со воспоставувањето и координацијата на активностите околу имплементација на Националната платформа на Република Македонија за намалување на ризици од несреќи и од катастрофи.

 

На Првиот Европски форум за намалување на ризици од катастрофи, кој се одржа во Гетеборг – Шведска, од 06-09 Октомври 2010 година, Д-р Панде Лазаревски беше именуван за Претседавач со Европскиот форум и со тој чин Република Македонија официјално го презеде претседавањето за периодот од октомври 2010 до октомври 2011 година.  На истата сесија, за ко претседавач, беше избрана Република Хрватска.

 

              Функциите на претседателството на Европскиот форум опфаќаат:

  • организирање на состаноците на Европскиот форум и на работните тела (во координација со EUR-OPA и UNISDR во однос на агендата и помошта при подготовките и дистрибуцијата на материјалите и тематските документи),
  • предводење на Европскиот форум во поглед на вршењето мониторинг и унапредување на предвидените активности, со цел да се развие систем за одржување на врски и комуникација со членовите на Форумот, а во соработка со EUR-OPA и UNISDR
  • претседавачот и ко претседавачот немаат политичка функција,
  • унапредување на концептот за намалување на ризиците од катастрофи (Disaster Risk Reduction-DRR) во рамките на државата, преку ставање на ова прашање високо на агендата на Националната платформа и нејзините чинители,
  • унапредување и промовирање на активностите поврзани со DRR во меѓународни рамки, пред сè, на постојните меѓународни форуми и иницијативи,
  • поддршка на мрежи за хармонизирање на институционалните решенија на државите во домен на намалување на ризици од катастрофи и справување со истите доколку се случат и во таа насока генерално усогласување на методолошкиот пристап,
  • стимулирање на вмрежувањето и на размената меѓу европските партнери на полето на DRR,
  • охрабрување, заедно со UNISDR и EUR-OPA, за државите кои сеуште не се вклучени во работата на Форумот.
  • претседавачот и ко претседавачот можат да ги користат советите од “Пријателите на претседателството“, група која е составена од оние национални платформи, институции надлежни за Хјого и организации кои претходно биле домаќини на состаноци на национални платформи и институции за Хјого.