Прв работен состанок

Скопје, 18/03/2011

Врз основа на обврските кои произлегуваат од Заклучоците од точка 3, донесени на дваесет и четвртата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 15/02/2011 година, на ден 18/03/2011 година (петок), со почеток во 12:00 часот, во просториите на Владата на Република Македонија се одржа првиот работен состанок на Координативно тело за организација на Македонското претседателство со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи.

 

Со состанокот раководеше Националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Д-р Панде Лазаревски, во својство на официјално избран претседавач со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи.

Целта на состанокот беше да се направи првична координација на институциите кои се носители на обврски во областа на намалување на ризици од катастрофи, а во насока на ефикасна подготовка и организацијата на Македонското претседателство и редовната годишна конференција на Европскиот форум, која е планирано и договорено да се одржи во Скопје, во периодот од 10-12/10/2011 година.

 

Целта на воспоставувањето на едно вакво координативно тело е и поддршка на носечките институции во областа на намалување на ризици од катастрофи и природни непогоди, во нивните напори за ефикасно реализирање на тековните и планирани активности. Истовремено, преку еден ваков тип на координација да се разгледаат сите можности за отстранување на евентуалните застои на меѓу ресорски план, евентуалните преклопувања во надлежностите на двете клучни оперативни институции од областа – Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), а посебно во релација со Министерството за внатрешни работи (МВР), како и поддршка во надминување на недостатоците од интерен карактер, во смисла на недоволни човечки ресурси, тренинг и опремување со соодветна опрема.

 

Од особено значење е да се зајакнат капацитетите на надлежните институции во насока кон квалитативна подготовка за учество со проекти во рамките на системот на Обединетите нации (ОН), Советот на Европа (СЕ), Европската комисија (ЕК).  Потребата од зајакнување на редовната комуникација со СЕП во смисла на доставување на сите најнови регулативи и директиви на ЕК и редовно информирање на сите нови активности кои Брисел ги превзема во областа, посебно и преку анимирање на мисијата во Брисел за следење и редовно информирање за новите настани и случувања се од особено значење.

 

Заедничка констатација на работната група е дека постои определен застој во процесот на подготовка и ефектуирање на постапката за потпишување на Меморандумот со Генералниот директорат за хуманитарна помош и цивилна заштита на Европската комисија.

 

Потребата од обуки за подготовка на  проекти за аплицирање во ЕУ фондовите за оваа намена е потенцирана како важна во оваа фаза од развивање на системот.

Потребата да нема преклопување во активностите кои веќе ги водат матичните институции е актуелизирана во овој контекст, исто така. Во делот на активностите на ЦУК значајно место заземаат и превенцијата и подготовката на системот во насока кон намалување на можните ризици од катастрофи, активности за кои ЦУК има нагласена потреба од дополнителни тренинг семинари и дополнителна опрема.

 

СЕП ги превзема сите потребни активности во насока на навремено информирање за сите нови регулативи и директиви на ЕУ во областа на намалување на ризици од катастрфи. Во тек е подготовка на обуки за раководење со проектен циклус, почнувајќи од подготовка на проектните идеи, па се до апликација и евентуална имплементација на истите.  Сите инволвирани институции од областа, доколку ценат за неопходно да и во оваа фаза има потреба од помош и поддршка при развивање на проектни идеи и подготовка на проектни рамки, слободно да го побараат од СЕП, било во непосредна комуникација со нив или преку Координативното тело.

 

МНР е целосно на располагање околу било каква потреба од поддршка во процесот на потпишување на Меморандуми со институции на ЕУ, но и со логистичка поддршка во реализација на организацијата на меѓународната конференција во октомври во Скопје.

МВР воспоставува нови институционални облици кои се директно надлежни во насока кон подготовка на системот за намалување на ризици од катастрофи и за справување со последиците од евентуални природни несреќи и катастрофи, но секако има и потреба од дополнителни тренинг семинари и обуки на кадарот, како и потреба од проекти за доопремување на системот со најсовремена опрема неопходна за ефикасно функционирање на системот во областа на превенција, подготовка, одговор и обнова.

 

Успешното реализирање на Македонското претседавање со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи е приоритет поради внатрешни и надворешни причини. Претседателот на Република Македонија, Др. Ѓорге Иванов е покровител на Македонското претседателство со Европскиот форум. Кабинетот на Претседателот дава целосна поддршка на Координативното тело и е на располагање околу организацијата на меѓународниот настан планиран за октомври, оваа година.

 

Сите овие активности на координација не треба да се подразбираат како ривалство на институции туку како взаемен напор кон меѓу ресорско усогласување и унапредување на вкупните односи кон заедничка цел, а таа е ефикасен систем на превенција, подготовка, одговор и обнова во случај на евентуални природни и од човек предизвикани несреќи и катастрофи, а со крајна цел намалување на евентуални материјални и човечки жртви.