Националниот координатор Павле Трајанов учествуваше на Евопскиот форум за намалување на ризици од катастрофи во Рим

Националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија, Павле Трајанов, учествуваше на Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, кој беше организиран од Канцеларијата на Обединети нации за намалување на ризици од катастрофи за Европа (УНИСДРР). Форумот се одржа од 21 до 23 ноември 2018 година во Рим, Италија.


На отворањето присуствуваа околу 800 претставници од 55 држави, меѓу кои и премиери, министри и други носители на високи функции. На отворањето се обратија премиерот на Италија, Џузепе Конте, специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН за намалување на ризици од катастрофи, Мами Мизутори, министерот за инфраструктура и транспорт на Италија, Данило Тонинели, како и други високи претставници.



На форумот се работеше на работни сесии и пленарни седници. Главни теми на седниците беа: мониторинг над спроведувањето на Сендаи рамката за акција 2015 – 2030 и Парискиот договор, Стратегијата за развој на капацитетите за спроведување на Сендаи рамката, Национални и локални стратегии за намалување на ризици од катастрофи, урбани и локални предизвици и можности, ризици предизвикани од човечко влијание и технолошки ризици, зајакнување на отпорноста на локалитети кои претставуваат културно наследство, економските димензии за намалување на ризиците од катастрофи и одржливо финансирање, технологија и податоци кои можат да се користат за намалување на ризиците од катастрофи, стртатегии за инклузивност и еднаквост во намалувањето на ризици, отпорност на климатските промени, дискусија за сивиот носорог и црниот лебед, родово сензитивен пристап во намалувањето на ризици, нови предизвици и приоритети по 2020 година и др.


На пленарната седница за Национални и локални стратегии за намалување на ризици од катастрофи во расправата учествуваше и националниот координатор Павле Трајанов, кој зборуваше за реформскиот процес на системот за управување со кризи, заштита и спасување на Република Македонија.
Трајанов посочи дека е направена сеопфатна Анализа на системот за управување со кризи при што е оценето дека овој систем треба да се надоградува.
„Со Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија е дефиниран механизмот за дејствување, посебно од аспект на обезбедување на поефикасна превенција од можни катастрофи, рано предупредување, ефикасно дејствување и справување со кризи и санирање на последиците од кризи.
Анализата на системот покажа дека се неопходни реформи и во насока на изградба на единствена институција, односно интегрирање на сите субјекти и расположливи капацитети сѐ со цел да се обезбеди поефикасно менаџирање со системот за управување со кризи, искористување на кадровските потенцијали и другите ресурси, посебно на техничките капацитети и другите перформанси.
Се подготвува и нова Национална стратегија за намалување на ризици од кризи, во која се вградуват и клучни елементи од Сендаи рамката за акција 2015-2030 година и Договорот од Париз.
Од скрининг процесот кој се одвива во Република Македонија од страна на Европската Унија се очекуваат сугестии кои ќе бидат вградени во реформите и законските решенија за управување со кризи, заштита и спасување.“ – истакна Трајанов во неговото обраќање.


Националниот координатор Павле Трајанов оствари и повеќе неформални средби со преставници од Англија, Гермнаија, Грција, Црна Гора, Србија, Финска, Босна и Херцеговина и други држави.