Информација за именување на Национален координатор

 


Владата на Република Македонија на 41-та седница одржана на 06 декември 2017 година, за Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија, го именуваше Павле Трајанов.

Павле Трајанов е роден на 25 декеври 1952 година во Д.Радеш, Радовиш. Завршил Правен факултет, положил правосуден испит, зборува англиски, српски, бугарски и руски јазик.

 

По завршувањето на Правниот факултет, во 1977 година се вработил во МВР, каде во текот на својата кариера бил и началник на Сектор за анализирање и истражување на безбедносни појави, потсекретар на Службата за јавна безбедност, помошник министер за оперативни работи, а кариерата ја завршил како министер за внатрешни работи (1998-1999 година).

Во 1989 година заедно со 7-мина припадници на МВР (т.н. „осумтемина“ од РСВР) ја најави демократската пролет во Македонија, залагајќи се за воведување на повеќепартиски систем, спротиставувајќи се на тоа Службата за државна безбедност и натаму да биде ударна тупаница на Сојузот на Комунистите и инструмент за елиминирање на политичките противници. Павле Трајанов, како дел од осумтемина во МВР активно се вклучува во надминување на деформациите на безбедносните служби, како и во реформирањето на МВР.

 

Павле Трајанов, како потсекретар за јавна безбедност има значаен придонес за осамостојувањето на Македонија (1991-1993 година) и во борбата против криминалот, корупцијата, посебно во борбата против организираниот криминал.

Во периодот 1991-1993 година, заедно со раководството и припадниците на МВР, го вклучува целокупниот безбедносен ситем за поддршка на идеите за самостојна Македонија.

Павле Трајанов ја иницира, организира и спроведува најризичната и најзначајната операција (во август 1991 година) за одземање на воената евиденција за резервниот состав од Републичкиот секретаријат за одбрана, со што спречува десетици илјади млади резервисти да бидат упатени на фронтови во Југославија.

 

Павле Трајанов го подготвува Договорот за дислокација на ЈНА од Македонија, го организира обезбедувањето на границите од страна на полицијата и силно се спротиставува на идеите и плановите на ЈНА, за воен удар во Македонија.

Во 1994 година, прв изјавува дека во Македонија има организиран криминал, во кој се вклучени носители на јавни функции, какo и министри од Владата на Република Македонија.

Во 1998-1999 година раководи со МВР (министер за внатрешни работи), при што се спротивставува на обидите за дестабилизација на Македонија и успешно се справува со безбедносната криза, екстремизамoт и тероризамот, врши темелна реорганизација на МВР со воведување на антитерористички центар, оддел за борба против организираниот криминал, емиграционо биро и др.

 

Во текот на 1999-та година, под негово раководство Македонија прифаќа над 500.000 бегалци од Косово, ја одржува стабилноста на државата и спречува конфликтот од Косово да се прелее во Македонија.

Во јануари 2000 година го иницира формирањето на нова политичка партија –Демократски сојуз.

На 19 март 2000 година, на Основачкото собрание на Демократскиот сојуз е избран запретседател на ДС.

Од 2006 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.

 

Павле Трајанов е почесен доктор на науки на Светската академија на науките за комплексна безбедност, пишувал колумни во „Дневник“, дал над 320 интервјуа, учествувал во повеќе дебати, одржал над 350 прес конференции и др.

Меѓу другите проекти кои ги изготвил и доставил до Собранието на Република Македонија, се вбројуваат и проектите за декриминализација „ДЕКРИ“ со кој се објавува „војна против организираниот криминал“, како и Стратегијата за фазно решавање на спорот наметнат од Република Грција околу името на нашата држава.

Предложил и повеќе закони до Собранието на РМ, меѓу кои и: за заштитени сведоци, за минимална плата, за ослободување од обврска на граѓаните да плаќаат топлинска енергија доколку не ја користат, за амнестија и др.

 

Павле Трајанов бил член или членува во следните Собраниски тела:

  • Комисија за европски прашања, член
  • Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана, заменик-член
  • Комисија за одбрана и безбедност, член
  • Комисија за уставни прашања, член
  • Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација, со статус на придружна делегација (ПС НАТО), член
  • Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (Мешовит парламентарен комитет ЕУ- Република Македонија), заменик-член
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на државата Израел, претседател
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, член
  • Анкетна комисија за утврдување на околностите за загинувањето на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, член
  • Комисија за надворешна политика, член
  • Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, заменик-член
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Швајцарската Конфедерација, член

Павле Трајанов е наградуван и одликуван, посетувал голем број на семинари, курсеви и специјалистички обуки, меѓу кои и на семинар организиран од Европскиот Центар за безбедносни студии „ Џорџ Маршал“ во Германија и др.