Средба со г-дин Митко Чавков, Министер за внатрешни работи на Република Македонија

Петок, 14 Август 2015

 

Националниот координатор за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија, д-р Живко Јанкулоски оствари средба со Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, г-дин Митко Чавков.

 

На средбата беа разменети мислења и информации за надлежностите на националниот координатор во насока на намалувањето и справувањето со ризиците од катастрофи, преку ефикасно искористување на расположливите ресурси и капацитети на надлежните институции.

 

Зборувајќи за последиците од неодамнешните поплави коишто ја зафатија Република Македонија, беше истакната потребата од подобрена локална, регионална и национална координација на надлежните институции, за поефективен пристап кон намалувањето на ризиците и последиците од непогоди и катастрофи, преку превенција и рано предупредување.

 

Националниот координатор дискутираше за обврските на министерството за внатрешни работи кои произлегуваат од Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи и од законот за управување со кризи, исто така ја истакна важноста на следењето, имплементацијата и усогласувањето на македонското законодавство со меѓународните рамки за акција од Хјого и Сендаи како и потребата од поголема меѓу институционалната координација и соработка.

 

 

Министерот ја изрази својата поддршка и истакна дека ќе се даде максимален придонес од страна на Министерството за внатрешни работи на Националната координација за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, во насока на зачувување и унапредување на безбедносниот систем на Република Македонија.