Соопштение за именување

На 17.02.2015 година, Владата на Република Македонија го именуваше д-р Живко Јанкулоски за Национален координатор за имплементација на националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи.

 

Проф. Д-р Живко Јанкулоски

 

Биографски податоци (англиска верзија)



Средно образование завршува во Битола. Дипломира на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 1980 година. Постдипломските студии ги завршува на истиот факултет, стекнувајќи се со академско звање магистер на земјоделски науки. Докторира на Земјоделскиот факултет во 2000 година.

 

Во 1980 година за прв пат се вработува во ЗИК”Пелагонија” – Битола како нивни стипендијант.

Од 1980 – 1996 e раководител на повеќе работни места во ЗИК”Пелагонија” – Битола, додека пак од 1989 – 1996 e Директор на РЕ ”Радобор” – Битола.

 

Наставно – научната дејност ја започнува во 1991 година како професор на Вишата земјоделска школа во Битола, а после нејзиното прераснување во Факултет за биотехнички науки (1999), д-р Живко Јанкулоски е редовен професор на истоимениот факултет од подрачјето на биотехничките науки.

 

Стручно се усовршува во истоименото подрачје преку изведување на студиски престои во Франција во Compagnie Canal d Provence во Provence и Compagnie Nationale d Aménagement de la Région du Bas-Rhone et du Languedoc во Nimes (1985), во Фресно, САД на Државниот Универзитет Калифорнија (1985), на Универзитетот во Göttingen, Германија (1998), Универзитетот во Гент, Белгија (1998, 2000) и Универзитетите во Rennes and Nant, Франција (1999).

 

Во периодот од 1994 до 1998 година проф. д-р Живко Јанкулоски, два мандати е член на наставно научните совети на Економскиот факултет во Прилеп и Техничкиот факултет во Битола, како и член на Советот на Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола.

Од 2001 до 2006 г, два мандати е продекан за финансии и наука на Факултетот за биотехнички науки.

 

Два мандати (од 2000 до 2003) е член на Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола, истовремено и претседател на Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола.

Два мандати (од 2000 до 2006 г.) – е член на Интеруниверзитетската конференција. Како претставник на Владата на Р. Македонија е член на Советот на Институтот за сточарство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

 

Во периодот од 2004 до 2006 г. е член на Комисијата за спречување на девијантни појави при Универзитетот во Битола.

Од 2002 до 2006 г. во два мандати, е член на Одбор за акредитација и еваулација на високото образование, истовремено и заменик претседател на Одборот за акредитација и Еваулација на високото образование во Р. Македонија.

 

Од 2010 –до 2014 г. во два мандати, е раководител на втор циклус студии на Факултетот за биотехнички науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Од 2014 г е раководител на лабораторија за етерични масла и биолошки активни материи при ФБНБ.

Д-р Живко Јанкуловски има учествувано во реализација на проекти од програмата TEMPUS и научно-истражувачки проекти од областа на биотехничките науки. Автор и коавтор е на голем број научни и стручни трудови, публикувани во домашни и странски списанија и на меѓународни конгреси и собири, меѓу кои Европскиот конгрес за земјоделство во Стразбур, Светскиот самит за храна на FAO во Рим, Италија (1996) и Пан-Европскиот семинар во Букурешт, Романија (1996).

 

Д-р Живко Јанкулоски е автор на универзитетските книги: Основи на земјоделското производство (2001), Почва и клима, растенија (2002) и практикум: Почва, клима и растенија. Практикум (2002), Амбалажирање и чување на анимални производи (2003), Агроекологија (2004), Растително производство (2005) и Еко-амбалажа (2008), како и на учебникот Зачински и лековити растенија – производство и употреба (2005).

Проф. д-р Живко Јанкулоски има обавувано повеќе општествени функции.

 

Во периодот од 1994 до 1998 година е избран за пратеник во Собранието на Р. Македонија. Од 1994 до 1998 година е заменик претседател, а од 1997 до 1998 година претседател на Комисијата за земјоделство, водостопанство и шумарство во Собранието на Р. Македонија.

Од 1994 до 1998 година е член на Комисијата за меѓународна соработка со Кина, а од 1996 до 1998 г. член на Комисијата за земјоделство во Европскиот Парламент во Стразбур.

Во 2006 г., повторно е избран за пратеник во Собранието на Р. Македонија.

 

Од 2006 до 2008 година е Заменик на претседателот на Владата на Р. Македонија.

Д-р Живко Јанкулоски на 17.02.2015 е именуван од страна на Владата на Република Македонија за Национален координатор за намалување на ризици од несреќи и катастрофи.